Преку мерката „Мој ДДВ“ кај граѓаните вратени се 8 милиони и 567 илјади евра, остварени преку скенирање фискални сметки во периодот од 1 јули 2019 до 31 јануари 2020 година.
Ова го изјави Бетијане Китев, пратеник на СДСМ.
Тој посочи дека само досега преку Управата за јавни приходи над 6 милиони евра се исплатени кај над 325 илјади граѓани.
„Преку мерката ‘Мој ДДВ’ првпат директно од буџетот кај граѓаните се враќа дел од платениот данок на додадена вредност. Оваа револуционерна мерка е препознаена и поддржана од граѓаните. Им ги враќа парите назад на граѓаните и ја намалува сивата економија. Резултати покажуваат успешна реализација и во делот на наплатата на ‘Мој ДДВ’. Во 2019 година наплатата на ДДВ од 52 милијарди денари е 5,7 отсто повисока во однос на 2018 година. По воведувањето ‘Мој ДДВ’, наплатата споредена со јули-декември 2019 со периодот јули-декември 2018 година покажува зголемување во просек од 11,2 отсто“, рече Китев.
Додаде дека со повратот на 15 отсто од платеното ДДВ се обезбедува дополнителен приход на крајот од годината во секое домаќинство.